Совети

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ МЕЛАНОМ?

Меланомот претставува најтежок тип на рак на кожата со малигнен карактер.По зачестеност е најредок тип на канцер,но е најопасен и има најголем потенцијал за метастазирање.

Тој се развива од меланоцитите, клетки локализирани во базалниот слој на епидермисот кои произведуваат меланин, пигмент кој ја одредува бојата на кожата.Се појавува како темно пигментирана дамка со нејасно дефинирани граници и различни бои на здрава кожа или на претходно постоечка бемка. Малигниот меланом покрај на кожата може да се појави и на слузокожата (на пример, орална слузница, носна празнина,  аногенитална регија или внатрешни органи), око и централниот нервен систем.

Кога ќе се постави сомневање на меланом во рана фаза на развој,неопходна е итна хируршка интервенција за негово отстранување.

Најважно од се е да знаете како да ги познавате раните знаци за овој облик на рак на кожа.

Правилото на ABCDE ,развиено од страна на Американската Академија за Дерматологија може да ви помогне за едноставно и рано откривање на малигниот меланом:

• А (Asymmetrical Shape)  асиметрична форма – промената на кожата/бенката е со неправилна форма

• B (Border) неправилни рабови – промената/бенката има неправилни и назабени (цик-цак) рабови со нејасни граници

• C ( Color ) боја/ пребоеност – промената/ бенката има повеќе бои или нејзината пребоеност не е рамномерна 

• D( Diameter)  дијаметар  – бенка чиј пречник е поголем од 6 mm

• Е ( Evolution)  еволуција/ промена на бенката – промени кои може да се јават по извесен временски период, на пример бенка, која со тек на времето расте или ја менува пребоеноста и формата, и бенка кај која по некое време се јавуваат нови знаци и симптоми како што се јадеж и секрет – крвав најчесто.

НЕКОЛКУ КОРИСНИ СОВЕТИ:

-Избегнувајте претерано изложување на сонце,особено во летните денови во период од 10 до 16 часот

-Постојано користете креми и средства за кожа со заштитен фактор од УВА и УВБ зраци половина час пред да се изложите на сонце

– Набљудувајте ја вашата кожа еднаш до два пати во текот на месецот со цел навремено откривање на некоја сомнителна појава или препознавање на раните знаци на меланомот. Употребувајте огледало при самопрегледот на кожата на лицето, вратот, ушите и косата. Потребно е да го прегледате целото тело вклучувајќи ги и екстремитетите како и кожата помеѓу прстите. Со исто внимание направете самопреглед и во гениталната регија.

-Доколку постои и најмал сомнителен знак за рак на кожа,веднаш косултирајте се со дерматолог.

Др. Љубица Димитриевска

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *