Здравје

ПОКАЧЕН КРВЕН ПРИТИСОК-ХИПЕРТЕНЗИЈА

Хипертензија или висок крвен притисок, а понекогаш и артериска хипертензија, е хронична медицинска состојба во која крвниот притисок во артериите е покачен. Поради ова покачување на притисокот срцето треба да работи понапорно за крвта да може да циркулира низ крвните садови. Крвниот притисок има две вредности, систолен и дијастолен притисок, кои зависат од тоа дали срцето е контрахирано (систола) или релаксирано (дијастола). Нормален крвен притисок во мирување е од 100-140 mmHg кај систоличниот (високиот) и 60-90 mmHg кај дијастоличниот (нискиот). Постои присуство на висок крвен притисок доколку притисокот е постојано 140/90 mmHg или повеќе.

ПРИЧИНИ ЗА ПРИМАРНА ХИПЕРТЕНЗИЈА

Постојат голем број на различни фактори кои се преплетуваат во етиологијата и патогенезата на есенцијалната артериска хипертензија. Најчесто станува збор за:

Зголемен внес на сол. Консумирање на храна со зголемено количество на натриум предизвикува задршка на течности, а со тоа и покачување на крвниот притисок.

Дебелина. Колку е поголема вашата телесна тежина, толку е поголема потребата од крв со цел да се обезбеди доволна количина на кислород и нутритивни материи за ткивото. Поради зголемениот крвен волумен што циркулира низ крвните садови, настанува зголемување на притисокот.

Генетски фактор. Доколку имате позитивна фамилијарна анамнеза, односно некој член во вашето семејство страда од висок крвен притисок, тогаш ризикот за да добиете артериска хипертензија е поголем.

Зголемена консумација на алкохол. Со тек на време, прекумерното пиење алкохол може да го оштети вашето срце и да го зголеми крвниот притисок.

Намалена физичка активност. Физичката инактивност го зголемува ризикот за појава на покачен крвен притисок и зголемена телесна тежина.

Стрес. Стресните ситуации може да доведат до привремено, но драматично зголемување на крвниот притисок. Доколку сте во стресна ситуација и се обидувате да се релаксирате со помош на цигари, прекумерно консумирање на храна или алкохол, со тоа само дополнително ја влошувате состојбата и негативно влијаете врз нивото на крвниот притисок.

Возраст. Ризикот за покачен крвен притисок се зголемува со возраста.

Недостаток на витамин Д. Сè уште не е докажано дали дефицитот на витаминот Д може да доведе до покачување на крвниот притисок, но со сигурност се знае дека овој витамин учествува во создавањето на ензим во бубрезите кој директно влијае врз нивото на крвниот притисок.

Одредени хронични состојби. Бубрежните заболувања, дијабетесот и високото ниво на холестерол го зголемуваат ризикот за појава на артериска хипертензија.

ПРИЧИНИ ЗА СЕКУНДАРНА ХИПЕРТЕНЗИЈА

Секундарната хипертензија може да биде резултат од разни заболувања како: полицистична бубрежна болест, гломеруларни заболувања, компликации од дијабетес (дијабетична нефропатија), реноваскуларна хипертензија (стеснување на луменот на реналните артерии), Кушингов синдром, алдостеронизам, феохромоцитом, болести на тироидна жлезда, хиперпаратироидизам, коарктација на аорта, бременост и др.

СИМПТОМИ КОИ АЛАРМИРААТ ДЕКА КРВНИОТ ПРИТИСОК ВИ Е ПОКАЧЕН

– Главоболка

– Mатен вид

– Вртоглавица

– Губење на здив

– Болка во градите

Водете сметка на тоа редовно да го провер5увате притискот и доколку приметите некои од симтомите веднаш да се обратите на доктор.

БИЛКИ КОИ ПОМАГААТ ВО НАМАЛУВАЊЕТО НА ПОКАЧЕНИОТ КРВЕН ПРИТИСОК

На високиот крвен притисок му влијае Шипка, глог, чубрица, здравец, црница, нане, бреза, маточина, корените на здравец, пршлика, имела, сок од цвекло.

Др-Љубица Димитриевска

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *